Барселона му гостува на Наполи во судирот на ланските шампиони кои се во криза, во рамките на осминафиналето на Лигата на шампионите. Во пресрет на дуелот „партенопеите“ го сменија тренерот, Франческо Калцона го презеде тимот од Валтер Мацари.
Токму тој момент Чави го нагласи како проблематичен за подготовка на тактиката за оваа средба.
„Дојдовме во Неапол со ентузијазам и надеж. Ова е чудно сценарио, нè очекува меч со Наполи, а тимот го смени тренерот пред неколку денови. Не е лесно да се подготвиме за оваа средба. На крајот од денот, играме против шампионот на Италија. Не сметам дека ние сме фаворит. Јас гледам на овој двомеч дека имаме 50-50% шанси, мора на теренот да покажеме дека сме подобри од Наполи. Истиот пристап мора да биде в среда и на реваншот, ништо други не е важно“, изјави Чави.
Наполи цела сезона го дрма сериозна криза, во калчото е на деветтото место, додека Барселона и покрај турбулентните резултати е третопласирана во Примера.